Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром првиот натпревар во 2018 година ќе го одиграат утре, на домашен терен против екипата на Игокеа (17 часот), во кој ќе пробаат да дојдат до третиот триумф сезонава во АБА-лигата со што би ставиле крај на низата порази и би најавиле подобри времиња во битката за опстанок во регионалното натпреварување.
Во тимот се враќа Марко Симоновски, додека Дарко Соколов и понатаму е во „аут“ поради повреда на коленото.
Ротацијата на бековските позиции и понатаму е голем проблем за тренерот Жељко Лукајиќ, кој очекува значаен удел во играта од бугарскиот интернационалец, Јордан Минчев.
– Очекувам тежок натпревар. Кошаркарите на Игокеа ќе влезат максимално мотивирани во овој меч, пред се поради желбата да ни се реваншираат за поразот кој им го нанесовме во Лакташи. Ние сме во лоша ситуација во моментов, но тренираме добро, работиме максимално и ќе дадеме се за да го совладаме незгодниот противник, изјави Минчев за клупскиот сајт на „сино-белите“.