Во пресрет на вечерашниот дерби меч против Барселона на Камп Ноу, тренерот на Реал Мадрид Реал Жозе Мурињо не сакаше да го открие составот со кој ќе игра против Каталонците.
Тој ги пофали своите играчи бидејќи успеале да го дигнат нивото на игра по слабиот старт на сезоната.
„Значајно се подобривме, а целта ни е да го достигнеме нивото на кое бевме кога станавме шампиони минатата сезона“, изјави Мурињо.
На прашањето дали судиите оваа година ја фаворизираат Барселона, кратко одговори: „Имаше некои работи од почетокот на сезоната, но никој во клубот не зборуваше за тоа, па нема ниту јас да бидам првиот.“
Шпанските новинари уште еднаш отворија дебата за Месут Озил кој во последно време најчесто почетокот на натпреварите ги дочекува на клупата. Делумно за тоа е „виновно“ доаѓањето на Лука Модриќ, а, исто така и враќањето во форма на Бразилецот Кака.
„Не треба да се прави драма секој пат кога некој играч е на клупата. Секогаш имаме 13 играчи кои не играат и секој пат може да се направи приказна. Не можам да ви кажам дали во недела ќе игра Озил, Кака или Модриќ или ниту еден од нив“, заклучи Мурињо.