Прием за медалистите од Европското првенство (ЕП) во карате денеска приреди директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсоски, истакнувајќи оти четирите одличја освоени на континенталниот собир во Тампере се голем успех за македонското карате и спорт.
Македонската карате репрезентација во борби и во кати викендов се врати од 48. Европско првенство за кадети, јуниори и за помлади сениори до 21 година со еден златен, два сребрени и еден бронзен медал во конкуренција на над 1.000 натпреварувачи од 45 држави.
Предводени од селекторите Александар Кузмановски и Арлинд Хусеини, со злато се закити Стефан Стојановиќ во јуниорска конкуренција, сребро освоија помладиот сениор Столе Смилковски и Андреј Басаров во кадетска конкуренција, додека Матеј Белистојаноски, исто така, во кадетска конкуренција освои бронза.
-Чест ми е и задоволство што во АМС гости ни се освојувачите на медали од ЕП во Финска. Нивниот успех е показател дека каратето е на вистинскиот пат да прерасне во спорт кој е на листата спортови со најмногу освоени медали во нашата држава, изјави Мојсоски.
Изразувајќи благодарност за успешната соработка со Карате федерацијата и клубовите, Мојсоски изрази надеж дека „овие деца ќе бидат носители на медали и во сениорска конкуренција“.
-Каратето е најмасовен и еден од најуспешните спортови во нашата земја и се надевам дека успесите ќе продолжат и во иднина. Од моја страна, можам да порачам дека ние како АМС и во иднина стоиме на располагање за нашите стипендисти на нивниот пат кон нови големи успеси, порача Мојсоски.
Скромни во своите обраќања, четворицата македонски медалисти истакнаа дека макотрпната работа и тренинзите во летниот период вродиле со плод и најавија нови одличја за македонското карате на следните големи натпреварувања. 242 892
-Овие деца малку зборуваат, а повеќе говорат со своите резултати. Лично сум задоволен од тоа што го постигнавме на ова ЕП во сите три возрасни категории. И овој пат може да се пофалиме дека ја постигнавме целта и освоивме медали, изјави селекторот во борби во кадетска и јуниорска категорија Александар Кузмановски.