Дејан Георгиевски, освојувачот на бронзениот медал на Европското првенство во таеквондо за јуниори и помлади сениори во Софија, Бугарија денеска беше на прием во Агенцијата за млади и спорт.
Резултатот на Георгиевски е подвиг, не само поради историскиот прв медал за Македонија на едно ЕП, туку и поради тоа што подиумот е изборен со скршеница на стапалото.
За освоениот медал Георгиевски честитки доби од директорот на АМС, Марјан Спасески кој истакна дека таеквондото и понатаму ќе ја има поддршката од државата.
– Агенцијата за млади и спорт во континуитет ја поддржува Таеквондо федерацијата на Македонија на која само по првата распределба од средствата од игри на среќа доби 1.800.000 денари за меѓународни натпревари, соработка, стручно усовршување и унапредување и 50 000 денари за проектот „Таеквондо за сите“. Честитки за Дејан за неговиот спортски дух и одличниот бронзен медал остварен во нетипични услови, но и до целокупниот македонски тим на чело со селекторот Костовски, рече Спасески.
17-годишниот Георгиевски им пркосеше на постарите и далеку поискусни борци и покрај фрактурата на коска на стапалото здобиена во првата борба. Желбата за победа не го спречи да триумфира и во наредната борба, а решавачката борба за финале ја изгуби за само еден поен.
– Моите очекувања беа злато од Европското во Софија, но повредата ме спречи во тоа. Останува желбата за побрзо санирање на истата и враќање на терените уште на престижниот Г-1 турнир на почетокот на јуни годинава, и секако настап од кој најмногу очекувам е Светското првенство во Кореја, во втората половина на јуни, нагласи македонскиот медалист.
Благодарност до АМС изрази селекторот на македонскиот тим Дарко Костовски.
– Огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт и директорот Марјан Спасеки за огромната поддршка која се дава на Таеквондо федерацијата на Македонија. Ние ќе се обидеме да го оправдаме секое вложување првенствено со остварување на добри резултати на континенталните собири и секако да успееме да избориме настап на Олимписките игри во Токио, за што верувам дека имаме вистински шанси. Во моментов имаме потенцијал за такво нешто, потенцира Костовски.
Македонија на ЕП во Софија настапи со осум натпреварувачи.