Досегашниот играч на Монако, Килијан Мбапе кариерата ќе ја продолжи во Пари Сен Жермен. Трансферот на младиот напаѓач неофицијално вреди 180 милиони евра.
Мбапе кој синоќа постигна гол за француската репрезентација, за доаѓањето во ПСЖ вели дека е среќен поради тоа што ќе биде во тим со врвни фудбалери.
– Среќен сум што ќе играм за ПСЖ. Ова е голем предизвик за мене. ПСЖ е голем клуб. Мислам дека го направив вистинскиот избор. Во Париз ќе бидам окружен со фудбалски великани кои освоиле се што може да се освои и ќе можам нешто да научам од нив и да напредувам во играта.
Поради запазување на финансискиот фер-плеј Мбапе најверојатно во ПСЖ оваа сезона ќе игра како позајмен играч, а договорот ќе му биде откупен следната сезона.