Борачот Могамедгаџи Нуров го заврши настапот на Игрите во Токио, откако Русинот Абдулрашид Садулаев го совлада во полуфиналето Кубанецот Салас Перез и му ја скрати шансата на македонскиот репрезентативец преку репасаж да се вмеша во борбата за олимписко одличје.
Нуров, кој пред почетокот на Олимпијадата се одвојуваше во Топ 4 фаворити за освојување медал, одлично стартуваше на турнирот во борење во категоријата до 97 килограми слободен стил, совладувајќи го во осминафиналето со 5:0 Саадуи Мохамед од Тунис.
Во четвртфиналето, Нуров се сретна против кубанскиот шампион Ринерис Салас Перез, кој започна со триумф над Белорусинот Александар Хуштин со 4-3. Нуров ја имаше фаворитската улога против Салас Перез, но, во борбата за пласман во полуфиналето загуби од Кубанецот со 6-4.
Шансата преку репасаж да се вмеша во борбата за медал исчезна откако Перез не успеа да направи уште едно изненадување и загуби со 0:4 на поени од главниот фаворит за златниот медал Садулаев.
Нуров беше последниот претставник од осумчлената македонска олимписка делегација на Игрите во Токио.
Најголем успех постигна таеквондистот Дејан Георгиески, кој го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми.