Свечено затворени Олимписките игри во Токио

Од:

Со свечена церемонија на Националниот стадион во Токио попладнево по средноевропско време официјално е спуштена завесата на 32. Олимписки игри, први во историјата кои се одржаа без присуство на публика поради пандемијата на коронавирус.

Свеченото затворање почна со видео колаж со најубавите моменти во изминатите две недели во кои на олимписките борилишта беа поделени 339 комплети медали. Потоа на стадионот влегоа јапонскиот престолонаследник Акишимо, придружуван од претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах.

Следеше претставувањето на државните знамиња на учесниците на Игрите, а според традицијата, потоа на стадионот влегоа спортистите меѓусебно измешани во духот на заедништвото

Најголем дел од учесниците на Игрите веќе се вратија во своите земји, бидејќи според здравствените и безбедносните протоколи, олимпијците мораа да ја напуштат Јапонија во рок од 48 часови од својот последен настап за да се намали ризикот од ширење на коронавирусот.

Претседателката на Организацискиот комитет, Сеико Хашимото, истакна во обраќањето дека Олимпијадата во Токио донесе Игри на возбуда и инспирација.

– Спортот има сила да го промени светот и иднината. Можеби олимпискиот оган денеска ќе се изгасне, но надежта нема никогаш, рече Хашимото, најавувајќи ги Параолимписките игри, кои ќе се одржат во Токио од 24 август до 5 септември.

Игрите започнаа на 23 јули и на нив настапија над 11.000 спортисти од 206 држави, како и олимпискиот тим составен од бегалци.

Седумчлениот македонски состав настапи во осум дисциплини и освои еден медал, сребро на градите на таеквондистот Дејан Георгиевски во категоријата до 80 килограми.

На Игрите во Токио настапија и Борјан Бранковски во дисциплината 10 метри воздушен пиштол, пливачите Филип Деркоски (400 метри слободно) и Миа Блажевска Еминова (100 метри слободно), џудистката Арбреша Реџепи во категоријата до 52 килограми, атлетичарот Јован Стојоски (400 метри), каратистката Пулексенија Јованоска во кати и Магомедгаџи Нуров во борење слободен стил до 97 килограми.

Најдобар пласман на табелата на медали остварија американските спортисти со 39 златни одличја, едно повеќе од Кина. САД освоија вкупно 113 медали, а Кина 88.

Поединечно, американскиот 24-годишен пливач Кејлеб Дресел е најуспешен спортист на 32. Олимписки игри во Токио со пет златни медали, а австралиската 27-годишна пливачка Ема Мекион е најтрофејна меѓу спортистките со четири златни и три бронзени медали.

Домаќин на 33. по ред Олимписки игри во 2024 година ќе биде француската престолнина Париз.

Би можело да ве интересира

Леброн Џејмс сака да игра на Олимпијадата во Париз – ќе го предводи дрим-тимот

Олимпиското злато и беше одземено на Русинка и доделено на Американка

А1он

Спортистите од Русија и од Белорусија ќе добијат забрана и за Олимписките Игри во Париз?

Јапонија пред договор со ИОК за организација на Олимпијадата во 2030 година

Ана Ололовска

Русија ќе се кандидира за домаќин на Летните олимписки игри 2036

А1он

САД објавија дипломатски бојкот на ЗОИ во Пекинг

А1он