Од денеска до недела Македонија е домаќин на 400-ина кајакари учесници на Европското првенство во кајак на диви води за јуниори и сениори до 23 години кое вторпат во последниве 10 години се одржува во нашата земја. Поголемиот дел од екипите веќе тренираат на патеката „Матка“ крај Скопје каде на 3 јули ќе биде официјалниот почеток на првенството.
На денешната прес-конференција спортскиот директор на Кајакарската федерација на Македонија, Атанас Николовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Марјан Спасески информираа дека организациските работи течат според планот.
– Македонија има можност да ужива во едно вистинско спортско празнување на кајакарскиот спорт. Ова е манифестација која има големо значење и е важна за Македонија и од аспект за развој на кајакарскиот спорт, а истовремено овозможува промовирање на нашата земја во европски рамки. Затоа ваквите настани секогаш ќе бидат безрезервно поддржани од АМС, истакна Спасески и додаде дека Агенцијата финансиски ја поддржа организацијата на ова првенство со 500.000 денари.
Спортскиот директор Николовски очекува интересни трки и добри резултати, а за тоа, како што рече, се трудат да им овозможат рамноправни услови на сите натпреварувачи.
Македонија на ова натпреварување ќе биде претставувана од седум кајакари во дисциплината К-1 и тоа:
– во јуниорската конкуренција: Александар Златаров, Димче Велков и Мартин Лазевски;
– во конкуренција сениори до 23 години: Игор Стефановски, Иван Делиев и Борче Мирчевски;
– во јуниорска конкуренција – жени: Христина Бабунска.
Свеченото отворање ќе биде на 2 јули на Плоштадот „Карпошово Востание“ со дефиле на 28 земји учесници. На 3 јули се квалификациите, а од 4 до 4 јули трките за пласман.