Кормиларот на Наполи, Валтер Мацари, ќе остане на клупата на калчолигашот и во следните две сезони, тврдат медиумите на Апенините.
Иако подолго време се шпекулираше околу варијантите актуелниот тренер на македонскиот капитен Горан Пандев да замине од клубот од Неапол претстојново лето, кога му остекуваше договорот, сепак тој останува на функцијата откако веќе наводно потпишал нов договор за соработка со сопственикот на Наполи, Аурелио де Лаурентис.
Наполи е блиску до обезбедување на директен пласман во Лигата на шампионите, а Де Лаурентис нема намера да го менува италијанскиот стратег кој одлично го предводи клубот во изминативе неколку години. Единствено останува нејасно дали контроверзниот газда на калчолигашот ќе успее да им одолее на предизвиците и ќе ја задржи својата прва виолина на теренот, уругвајската машина за голови Единсон Кавани, за кого интерес пројавуваат повеќе европски гиганти.