Тренерот на Наполи Валтер Мацари изрази незадоволство од нерешениот исход на синоќешниот дуел против Милан на „Сан Сиро“ во Милано.
– Не сум задоволен од конечниот резултат со оглед на тоа што го надигравме Милан на негов терен. Имавме шанси да победиме, но за жал не успеавме во тоа. Пропуштивме можност да бидеме на чекор до директен пласман во Лигата на шампионите. Сега ни преостанува да се бориме до крај да ја задржиме предноста пред конкурентите за второто место, истакна тренерот на клубот за кого настапува македонскиот интернационалец Горан Пандев.
Токму Пандев синоќа беше стрелец за голот на Наполи во дуелот со Милан кој заврши 1:1.
На шест кола пред крајот на сезоната во Серија А, Наполи е втор со четири бодови предност во однос на третопласираниот Милан и со осум бодови заостанување зад лидерот Јувентус.