Градот Базел и стадионот „Сент Јакоб Парк“ (капацитет 37.500) вечерва се домаќини на финалниот дуел меѓу Ливерпул и Севиља во Лига Европа. Победникот од овој натпревар покрај тоа што ќе го освои трофејот во ова натпреварување, ќе избори место следната сезона да игра во Лигата на шампионите. Двата тима тоа не успеаја да го направат преку националните првенства.
Шпанската екипа Севиља ќе се обиде да стане првиот тим што третпат по ред ќе го освои овој пехар откако претходно победи во 2014 и 2015 година. Севиља има досега освоено четири европски трофеи во ова натпреварување, кое претходно се викаше Куп на УЕФА. Првите два ги освои во 2006 и 2007 година.
Премиерлигашот Ливерпул трипати има победено во Купот на УЕФА (1973, 1976 и 2001 година). Во своето последно финале во Купот на УЕФА Ливерпул во 2001 година во Дортмунд ја победи шпанската екипа Алавес со 5:4.
Двата тима на досегашните учества на финалните натпревари имаат постигнато само победи Ливерпул 3/3, а Севиља 4/4.
Менаџерот на Ливерпул Јирген Клоп нема да може да смета на суспендираниот Мамаду Сахо, додека неизвесен е настапот на Дивок Ориги. Тренерот на Севиља Унаи Емери на листата на повредени ги има: Беноа Тремулинас, Михаел Крон Дели и Хозе Антонио Реес.
Почетокот на натпреварот е во 20:45 часот, а судија е Јонас Ерикасон од Шведска.