Американската кошаркарска суперѕвезда Леброн Џејмс ја прекина соработката со „Кока-кола“ по цели 17 години и станува ново заштитно лице на конкурентската компанија „Пепси“.
Џејмс соработуваше со американската компанија „Кока – кола“ од своето доаѓање во НБА лигата во 2003 година, но одлучи да не го продолжи договорот што истече минатиот месец.
Повеќе американски медиуми објавија дека кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс договорил рекламирање на новиот енергетски напиток „Рајс енерџи“ (Rise Energy) на конкурентската компанија „Пепси“, додавајќи оти би можел да стане и нејзино заштитно лице.
Се проценува дека Џејмс годишно од спонзорски договори заработува 60 милиони долари, со што го дели второто место на листата најплатени спортисти во светот, со голферот Тајгер Вудс. Најплатен светски спортист е швајцарскиот тенисер Роџер Федерер, чија годишна заработка од реклами се проценува на 100 милиони долари.