Припадници на француската полиција рано изутринава извршија претреси во домовите на десетина лица за кои постојат сомнежи дека местиле фудбалски средби меѓу екипи од француската Втора лига во текот на сезоната 2013-2014, јави дописникот на МИА од Париз.
Според информациите објавени во францусите медиуми, меѓу уапсените се наоѓаат Жан-Франсоа Малерб, претседателот на фудбалскиот клуб „Стад Малхер“ од Кан (Нормандија), што сега игра во Првата лига, како и првиот човек на „Ним Олимпик“, Жан-Марк Конрад.
Оваа акција во борбата против корупцијата во францускиот фудбал е спроведена од истражните судии Серж Турнер и Ерве Роберт, откако пред еден месец тие го обвинија и му изрекоа привремена мерка притвор на Серж Каспаријан, поранешен претседател на „Ним Олимпик“, во рамките на истрагата за тајните обложувалници и за игрите на среќа во парискиот регион.
За двајцата претседатели на „Ним Олимпик“, поранешниот и сегашниот, постои сомнеж дека местеле фудбалски средби за да го задржат нивниот клуб во Втората лига, во што им помогнал и претседателот на клубот од Кан. Имено, „Ним Олимпик“ одигра нерешено на крајот од мај оваа година, што му овзоможи да остане во Втората лига.
Според информациите на весникот „Паризиен“, истрагата за „активна и пасивна корупција“ е насочена и кон други фудбалски средби и клубови со кои минатата сезона играше „Ним Олимпик“ , како „Дижон“, „Бастија“ и „Кретеј“.
За претседателите на „Ним Олимпик“ постојат сомневања дека преку различни посредници со раководителите и стручните тимови на клубовите местеле натпревари, со цел да избегнат испаѓање на нивната екипа од Втората лига.