Со утрешниот натпревар на домашен терен против босанскиот тим Слобода Тузла, актуелниот македонски шампион, екипата на МЗТ Скопје Аеродром утревечер и официјално ќе ја почне новата сезона. Тренерот на аеродромци Ѓорѓи Кочов смета дека остварените победи во подготовките (седум од осум) не значат ништо ако тоа не се потврди онаму каде што е најважно.
– Задоволен сум од подготовките, од ден во ден напредувавме како тим. Сепак, победите во пријателските мечеви не значат ништо посебно, бидејќи официјалните дуели се секогаш нешто друго. Слобода Тузла е екипа составена од млади и талентирани кошаркари. Без разлика што ривалот вели дека ние сме фаворити, тоа ќе биде тежок натпревар, изјави Кочов на денешната прес-конференција.
Според директорот на клубот, Тони Грнчаров, МЗТ има најсилен тим на домашна сцена во моментов, што автоматски значи атак на двата трофеи, во првенството и во купот.
Со оглед на кошаркарите со кои располага нашиот стручен штаб, слободно може да кажам дека сме најсилни ако се гледа нашето првенство, што воедно значи атак на двата трофеја. Во АБА2-лига ќе биде потешко, бидејќи има добри екипи кои сериозно се засилија летово, како Сплит, Динамик, Слобода Тузла и Рогашка. Но, ние не биле тоа што сме, ако не одиме по највисоки цели, а тоа е да влеземе меѓу четири најдобри, па таму со поголема среќа да стигнеме до финалето и до АБА, изјави Грнчаров.
Утрешниот дуел МЗТ Скопје Аеродром – Слобода Тузла ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19 часот.