Поранешниот германски репрезентативец и актуелен селектор на Соединетите Американски Држави, Јирген Клинсман верува дека неговите избраници имаат квалитети да се пласираат во осминафиналето на Светското првенство во Бразил.
– Се надевам дека ќе поминеме во втората фаза. Убеден сум дека имаме квалитет да го сториме тоа. На овој собир се најдобрите репрезентации во светот, а ние сме во многу силна група, рече Клинсман.
САД ќе играат во група заедно со Германија, Португалија и Гана.
Американскиот селектор е радосен дека Мундијалот ќе се одржи во Бразил.
– Не можеше да се посака подобра локација за СП од земјата која го дава петкратниот светски шампион. Во Бразил луѓето живеат за фудбалот. Играчите кои ќе настапат на овој шампионат, тренерите и навивачите кои ќе бидат присутни на натпреварите засекогаш ќе ги паметат моментите од овој настан, истакна Клинсман.
Мундијалот во Бразил почнува на 12 јуни со дуелот Бразил – Хрватска.