Понудата во висина од 750 милиони евра на англискиот инвестициски фонд „БиСиЦ Партнерс (BC Partners)“ за купување на мнозинскиот пакет акции во калчолигашот Интер е одбиена од кинеските сопственици, јавија италијанските медиуми.
Според информациите на „Тутоспорт“, кинеската групација Сунинг Холдинг (Suning Holdings Group) во чија сопственост е италијанскиот прволигаш, настојува да добие една милијарда евра за да го отстапи доминантниот пакет акции во клубот.
Весникот „Газета дело Спорт“ објави дека преговорите со англискиот инвестициски фонд, како и со уште четири други компании заинтересирани за купување на Интер ќе продолжат, бидејќи кинеските сопственици се одлучни во намерата да задржат само 31 отсто од акциите.
Пандемијата на Ковид-19 исклучително негативно се одразува врз работењето на компанијата „Сунинг“, која го купи Интер во 2016 година од индонезискиот бизнисмен Ерик Тохир.