Ако Англија ја освои Лигата на нации оваа година тоа ќе биде поголемо достигнување отколку пласманот во полуфиналето на Светското првенство во Русија минатото лето, вели капитенот на тимот Хари Кејн.
Англија ќе игра против Холандија во полуфиналето на Лигата на нациите на 6 јуни, а во другиот дуел се среќаваат европскиот шампион Португалија и Швајцарија.
Финалниот натпревар е на 9 јуни, а дуелите ќе се одиграат во Гимараеш и Порто.
– Да имаш шанса да освоиш трофеј во дресот на Англија не се случува многу често. Ако ние го кренеме трофејот во Лигата на Нациите, во моите очи тоа е подобро постигнување од полуфиналето на Светското првенство во 2018-та година, изјави Хари Кејн.
Напаѓачот на Тотенхем и неговите соиграчи се подготвуваат за почетокот на Европскиот квалификациски циклус во група „А“, откако во петок играат со Чешка, а следниот понеделник одат во посета на Црна Гора. Во истата група се и Бугарија и Косово.
– Навистина се надевам дека ќе освоиме трофеј. Се разбира, 2018-та година беше фантастична за нас, но најважно е да се освојуваат важните натпревари, а исто така и трофеите. Тогаш можеме да кажеме дека сме постигнале нешто, додаде Кејн, кој од Русија се прибра со „Златната копачка“, по постигнатите 6 гола.
Капитенот исто така смета дека духот е на високо ниво во соблекувалната, а благодарение на селекторот Герет Саутгејт е изграден добар колектив во кој нема значење клупската припадност на играчите.
– Знам како беше порано. Луѓето седеа на различни маси, кога ручаа и вечераа и зборуваа за различни нешта. Но сега сите сме заедно, дури играчите од Ливерпул и Манчестер Сити и тоа се гледа на теренот. Сигурен сум дека ќе продолжиме да се дружиме и да си испраќаме пораки кога ќе се вратиме во нашите клубови, заврши Кејн.