Катар ќе биде ослободен од обвинувањата за купување гласови при изборот за домаќин на Светското фудбалско првенство 2022, јави денеска Би-Би-Си.
Претседателот на независната Етичка комисија на ФИФА Јоаким Екерт нема да даде препорака за повторен избор за домаќин и со тоа останува одлуката донесена пред четири години кога Катар ја доби организацијата на Мундијалот 2022.
Во трката за домаќин тогаш покрај Катар учествуваа и САД, Јапонија, Австралија и Јужна Кореја.
Подоцна се појавија многу обвинувања на сметка на Катар за кого се тврдеше дека организацијата ја добил со подмитување на делегатите кои имаа право на глас. Се отвори истрага под водство на американскиот адвокат Мајкл Гарсија.
На основ на резултатите од истрагата Екерт денеска ќе го претстави конечниот извештај според кој Катар ќе биде ослободен од секаква вина, тврди Би-Би-Си.