Екипата на Карпош Соколи е првиот финалист на Лимак Купот на Македонија. Во првото полуфинале одиграно вечерва во Кавадарци, Карпош Соколи го победи деветкратниот освојувач на Купот на Македонија Работнички со 92:78 (25:18; 23:19; 25:24 и 19:17). Тимот на Карпош Соколи ги доби сите четвртини во ова полуфинале. Најефикасен на натпреварот беше играчот на Карпош Соколи Доминик Мавра со 27 поени, а имаше и 8 асистенции. Кај Работнички најпрецизен беше Димче Тасовски со 23 поени.
Противник во утрешното финале што се игра со почеток во 19 часот ќе биде победникот од второто полуфинале (Фени Индустри – МЗТ Скопје Аеродром кое се игра вечерва од 20:30 часот).
Денеска се одиграа двата полуфинални дуели од женскиот Куп: Бадел – МНА Кожувчанка 63:47 и Вардар – Пелистер 67:46. Женското финале меѓу бранителот на трофејот Бадел и Вардар се игра утре со почеток во 16 часот.