Вардар се зацврсти на лидерското место на табелата во А-група од Лигата на шампионите по триумфот над Кристијанштад (31-15), поставувајќи нови клупски рекорди.
Ова е највисока победа во клупската историја во ЛШ и продолжува серијата од 15 натпревари по ред без пораз во ЛШ и 20 натпревари по ред сезонава без пораз.
Централниот бек Игор Карачиќ на прес-конференцијата по натпреварот рече дека на оваа средба буквално се функционирало според планираното.
– Не знам што се случи со Кристијанштад, бидејќи никој од нас не очекуваше дека ќе успееме да забележиме ваква победа. Игравме одлична одбрана, а бевме на ниво и во нападот. Едноставно на овој натпревар функционираше се. Можам само да им честитам на моите момци за борбеноста и одличната партија. Ова беше неверојатен меч на кој сите имавме голем придонес, рече Хрватот во дресот на Вардар.