Пол Погба се уште е еден од најдобрите играчи во светот, и покрај неговата тешка ситуација во Манчестер Јунајтед, изјави капитенот на репрезентацијата на Франција, Уго Лорис за неговиот сонародник.
Иако во последно време е резерва во составот на „црвените ѓаволи“, халфот беше меѓу повиканите во селекцијата на „петлите“ од Дидие Дешамп за контролните средби со Колумбија и Русија.
– Пол се уште е многу силна фигура во нашиот тим и еден од нашите лидери. Да, ситуацијата кај него е малку комплицирана, но тој веќе се докажа и мислам дека се уште е меѓу најдобрите фудбалери во светот. Тој сега дури е и позрел од претходно, изјави Лорис за локалните медиуми.
– Совршено добро знае кои се неговите одговорности, и нема сомневање дека ќе биде подготвен за Светското првенство и ќе го покаже најдоброто од себе во Русија, нагласи Лорис.
Погба најверојатно ќе остане на клупата за првиот натпревар против Колумбија, откако селекторот Дешамп признал дека неговите проблеми се премногу комплицирани, пренесе „Метро“.