Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ги започна подготовките за квалификациските натпревари со Франција и со Србија.
Селекторот Драги Канатларовски се соочува со проблеми поради отсуството на Марио Младеновски (Ботев Пловдив), Адриан Хајдари (Рапид Виена) и Димитар Тодоровски (Работнички). Тројцата поради позитивен Ковид-19 тест ќе ги пропуштат двата воведни натпревари од квалификациите за ЕП 2023.
Амел Рустемоски од швајцарски Вил поради повреда заработена на клупскиот тренинг не е во можност да се стави на располагање за првиот меч против Франција.
И покрај неколкумината отсутни, Арби Воша се надева на позитивен резултат во Ле Ман.
– Започнавме со подготовките, се надевам дека се ќе биде во ред до натпреварот со Франција. На двата тренинзи ги реализираме идеите на новиот селектор, имаме одлична комуникација и се обидуваме да ги оствариме неговите замисли. Располагаме со квалитетен тим, се надевам дека ќе ги оствариме поставените цели пред почетокот на овој квалификациски циклус. Фокусирани сме максимално на првиот натпревар и дуелот со селекцијата на Франција. Не очекува тежок меч, но ова е фудбал и сѐ можно. Се надевам дека ќе се прикажеме во добро светло и се надеваме на позитивен почеток во квалификациите и тешкото гостување во Ле Ман. Франција е топ фаворит во групата и тешко е да се ветува каков било резултат. Имаме право да ветиме дека ќе дадеме максимум од нашите можности и тоа ќе го направиме, изјави Воша за веб-страницата на ФФМ.
Средбата со Франција ќе се игра во Ле Ман на 2 септември, со Србија е закажана за 7 септември во Охрид на стадионот „Билјанини извори“.