Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, му го честиташе големиот успех на Владимир Егоров кој освои бронзен медал во категоријата до 57 килограми на Европското првенство во Романија.
Овој медал е прв за македонски репрезентативец на едно континентално првенство, по пауза од 12 години. Последен пат, во 2007 година Мурат Рамазанов го освои бронзениот медал на ЕП во Софија, Бугарија.
– Агенцијата за млади и спорт е горда на нашите борачи кои се вратија со високи резултати од последното Европско првенство во борење во Букурешт Романија. По пауза од една деценија, Северна Македонија повторно се враќа на европската боречка сцена како еден од фаворитите за освојување медали. Очекувам во наредните години Егоров, Елмедин Сјфулау и Могамедѓаѓи Нуров да бидат столбот на македонското борење и да донесат уште поголеми резултати, а ние како Агенција сме секогаш тука дадеме поддршка за уште поголем успех на нашата држава, изјави Каевски.
Со резултатот постигнат во Букурешт, Владимир Егоров се стекнува со стипендијата од светска категорија, односно, во наредните четири години ќе добива месечен износ од две просечни нето плати.
Исто така со стипендија, од меѓународна категорија, се стекна и репрезентативецот Могамедѓаѓи Нуров кој ќе добива 1,3 нето месечна плата наредните две години.