Владо Илиевски, капитенот на Македонската кошаркарска репрезентација и стрелецот на најважниот кош во историјата на макбаскетот, оној за полуфинале пред четири години во Литванија, денеска многу емотивно објави дека мечот против Словенија бил негов последен во репрезентацијата.
-Ова е мојот последен меч за Македонија, горд сум што бев овде како капитан и лидер, изјави Илиевски после поразот од Словенија.
Илиевски беше еден од хероите што се пласираа во полуфиналето на евробаскетот 2011 во Литванија, постигнувајќи ја победоносната тројка против домаќинот во четвртфиналето.
-Јас сум многу многу горд на сите овие години поминати во репрезентацијата на Македонија. Имавме и добри и лоши моменти, но никогаш нема да заборавам што направивме. Во репрезентацијата создадов доживотни пријателства и секогаш ќе бидам тука за Македонската кошарка, додаде струмичанецот.
За Илиевски ова беше 5. ФИБА Евробаскет.
-Големо благодарам за нашиот капитен што им покажа на другите играчи како се бори за државниот дрес, рече селекторот Србиновски за Илиевски.