Суперѕвездата на Л.А. Галакси, Златан Ибрахимовиќ повторно потсети на својот карактер со култна реплика.
Швеѓанецот, кој е познат по својата висока самодоверба, упати критики кон судењето во натпреварот помеѓу неговиот тим и Хјустон Динамо, а потоа кажа уште посмели зборови, кои беа насочени кон американското фудбалско првенство – МЛС.
Ибра беше лут поради ситуацијата при голот на противникот, бидејќи, според Швеѓанецот, погодокот бил нередовен, иако ситуацијата беше разгледана со ВАР системот.
Златан смета дека е недозволиво да има грешки на судиите дури по интервенцијата на ВАР, а слични арбитри немаат место во МЛС.
Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед можно е да биде казнет од МЛС за своите зборови.
– Добро, сите правиме грешки. Судиите, исто така прават грешки. Се случува – секој греши. Но, кога станува збор за грешка при ВАР, тогаш треба да се отстранат. Нема смисла. Не ја обвинувај камерата дека не е соодветен аголот. Едноставно целосно избришија или смени ги луѓето кои ја прегледуваат. Не сакам да сум премногу критичен, бидејќи од МЛС може и да ме казнат, но јас сум МЛС, па нема грижа, изјави во свој стил Ибра.