Фудбалерите на Франција синоќа постигнаа победа на гости над Бугарија (1:0) во натпревар од 9.коло од квалификациите за Светското првенство во Русија.
Натпреварот го реши Блесе Матуиди со голот во 3.минута. „Триколорите“ во пресрет на последното коло имаат бод повеќе од Шведска во групата А.
На другите два дуела од оваа група одиграни вчера: Белорусија – Холандија 1:3 и Шведска – Луксембург 8:0.
Франција има 20 бодови, Шведска 19, Холандија е трета со 16, додека Бугарија има 12 бода.
Во Б групата фаворитите Швајцарија и Португалија постигнаа победи. Швајцарија ја совлада Унгарија со 5:2 и има максимален учинок од 9 победи од 9 натпревари, но нема изборено пласман на Мундијалот бидејќи Португалија има три бодови помлаку.
Португалија синоќа ја победи Андора на гости со 2:0, а Фарски Острови и Летонија одиграа без голови (0:0).
Швајцарија има 27 бодови, Португалија 24. Во последното коло Португалија е домаќин на Швајцарија.
Грција со триумфот над Кипар на гости со 2:1 се проби на второто место на табелата во групата Х. Белгија беше поуспешна од БИХ на гости со 4:3, а Естонија го совлада Гибралтар со 6:0.
Белгија со 25 бодови е веќе пласирана на СП, Грција има 16 бодови, а БиХ 14.
Денеска се играат првите натпревари од 10.коло во три групи од европската зона.