Стадионот на италијанскиот фудбалски клуб „Интер“ ќе го гради фирмата „Мабетекс“, сопственост на Беџет Пацоли, еден од најбогатите Албанци во светот и актуелен потпретседател на косовската Влада.
Селим Пацоли, брат на Беџет, кој е на чело на компанијата, потврдил дека во тек се преговорите со претседателот на „Интер“ Масимо Морати, јави дописникот на МИА.
Фактот дека косовскиот вицепремиер е голем пријател со претседателот на Интер може да биде пресуден во одлуката за реализација на овој проект.
– Беџет Пацоли е голем пријател со претседателот на Интер, Масимо Морати, и всушност тоа може да биде една од клучните причини да го добиеме овој проект. Ние успешно сме реализирале многу проекти, тоа ќе го направиме и со овој, изјави Селим Пацоли, пренесува тиранскиот весник „Шекули“.
Вредноста на проектот предложен од компанијата „Мабетекс“ изнесува 550 милиони евра, а се предвидува стадионот да има 66 илјади седишта. Моделот се базира на најмодерните британски стадиони.