Кошаркарите на Фени Индустри се пласираа во финалето на Лимак Купот откако синоќа во полуфиналето го победија ланскиот победник во ова натпреварување МЗТ Скопје Аеродром со 80:79. Во финалето вечерва од 19 часот кавадарчани ќе игра против ланскиот финалист Карпош Соколи, кој претходно го совлада Работнички со 92:78.
Натпреварот изобилуваше со пресврти и драматична завршница. На 75 секунди пред крајот Фени Индустри водеше со 75:73, но по тројките на Јуре Лалиќ и на Марко Симоновски МЗТ Скопје поведе со 79:75 на 28 секунди пред крајот. Домаќинот со трите поени на Матија Чешковиќ намали, а потоа два поена постигна и Гиорги Шарабидзе за водство од 80:79 за Фени на 24 секунди до крајот. Во последниот напад МЗТ Скопје не поентираше по што почна славењето на победата на домашните навивачи.
Најдобар на натпреварот беше центарот на Фени Индустри Кирил Николовски со 22 поена и 6 скокови, а Бобан Стајиќ реализираше 16 поени. Кај МЗТ Скопје најефикасен беше Лалиќ со 19 поени.
Како најава на машкото финале од 16 часот е почетокот на женското финале на Купот на Македонија во кое ќе играат бранителот на трофејот Бадел и Вардар.