Новоназначениот менаџер на Арсенал, Унаи Емери направи многу интересно откритие за својот поранешен клуб, Пари Сен Жермен и најмногу за супер ѕвездата на тимот – Нејмар.
Неколкупати во сезоната, Бразилецот создаваше проблеми во соблекувалната, а и Емери призна дека тоа било вистина.
– Знам кога сум главна и одговорна личност и кога не сум. Ова е процес кој тренерот треба да го доживее и кој го асимилира со време и искуство. Во секој клуб треба да знаеш каква е твојата улога и каква е кон останатите. Јас сум на мислење дека лидер на ПСЖ е Нејмар, изјави Емери за „Франс Фудбал“.
Според шпанскиот стратег, Нејмар ја напуштил Барселона за Париз само за да биде во улогата на лидер – нешто, што на „Камп Ноу“ не било можно покрај Лео Меси.
– Нејмар дојде во ПСЖ да биде лидер, да помине преку овој процес и еден ден да биде најдобриот во светот. Во Манчестер Сити на чело е Пеп (Гвардиола). Во ПСЖ, тоа е во Нејмар, вели Емери.
Тој призна дека не се чувствувал удобно од огромното влијание на поранешниот играч на Барселона.
– Пред неколку месеци, играч на ПСЖ ми пријде и ми рече: „Oваа година си променет“. Беше очигледно. Не можам да сум истиот тренер со и без Нејмар. Минавме низ период на адаптација со играчот. Требаше да се запознаеме едни со други. Да ги тренираш Меси, Роналдо или Нејмар, не е лесно. Тие се најдобри во светот, па затоа мора да се прилагодите на нив. Видете го Гвардиола во Сити. Тој е среќен затоа што нема толку голема фигура против себе, изјави новиот тренер на „топџиите“.