Финалето на Лига Европа беше решено по изведувањето на пеналите откако претходно Севиља и Бенфика одиграа 0:0. Шпанскиот тим со 4:2 на пенали стигна до третиот евротрофеј по оние во 2006 и 2007 година.
Во пенал серијата на „Јувентус Арена“ во Торино играчите на Севиља ги реализираа сите четири удари од белата точка.
– Бенфика е одличен тим и заслужи да игра во финалето. Кон крајот на продолжението моите играчи беа уморни, но се изборивме за пеналите. Голем број луѓе имаат придонес во овој триумф, изјави тренерот на Севиља Унај Емери.
Севиља на патот до освојувањето на пехарот одигра вкупно 19 натпревари, а натпреварувањето во Лига Европа го почна во 3-тото квалификациско коло.