Американскиот 24-годишен пливач Кејлеб Дресел е најуспешен спортист на 32. Олимписки игри во Токио со пет златни медали, а австралиската 27-годишна пливачка Ема Мекион е најтрофејна меѓу спортистките со четири златни и три бронзени медали.
Дресел освои златни медали во пет од шесте трки на кои настапи, освојувајќи ги олимиските титули на 50 и 100 метри слободно, и на 100 метри пеперутка, а им помогна на Американците да ги освојат златните медали во штафетните трки на 4×100 метри слободно и 4×100 метри мешано. Притоа, постави нов светски рекорд на 100 метри пеперутка (49.45 секунди) и два нови олимписки рекорди, на 50 метри слободно (21.07) и на 100 метри слободно (47.02).
Австралијката Мекион речиси го повтори успехот на Дресел, освојувајќи ги олимписките титули на 50 и 100 метри слободно со нови олимписки рекорди (23.81 на 50 метри и 51.96 на 100 метри).
Покрај двете златни медали во поединечна конкуренција, Мекион учествуваше и во освојувањето на златните одличја за австралиските штафети на 4×100 метри слободно, со нов светски рекорд (3:29, 69) и на 4×100 метри мешано, со нов олимписки рекорд (3:51, 60).