Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески присуствува на Светскиот форум за спорт и култура што се одржува во Токио, а чиј организатор е Министерството за образование, култура, спорт, наука и технологии на Јапонија.
На форумот, покрај министрите за спорт од над 70 земји од светот, претставници на меѓународни организации задолжени за промоција на спортот, компании и признати спортски истражувачи, свое учество и обраќање ќе имаат и премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах, претседателот на Меѓународниот параолимписки комитет Питер Кравен, министерот за спорт на Јапонија, Хироказу Матсуно, основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, како и претседателот на Организациониот комитет за Олимписките игри Токио 2020, Јоширо Мори.
Целта на Светскиот форум за спорт и култура е промоција и размена на културните и спортските вредности, особено низ призмата на спортскиот интегритет, промоција на развојот и мирот преку спортот, како и достапноста на спортот за сите.
Во фокусот на форумот се и спроведување на принципите од Декларацијата на УНЕСКО, усвоена на Петтата меѓународна конференција одржана во Берлин 2013 година, кои водат кон нови дебати за програмите на спортот на утрешнината (Sport for tommorow), како и темите за наследството креирано од Олимпизмот и Параолимпизмот во светски рамки.
Спасески учествуваше и на мултилатералната средба на министрите за спорт, а на маргините на форумот оствари билатерални средби со неколку свои колеги, како и со претставници на глобални мултинационални компании, кои имаат повеќедецениско искуство во реализација на проекти во спортот на глобално ниво.