Својот настап на 53-от Мавровски меморијал досега го имаат пријавено 62 натпреварувачи од девет држави. Една од најстарите спортски манифестации на Балканот и годинава е поддржана од Агенцијата за млади и спорт.
– Овој традиционален настан посветен на загинатите градители на хидро системот „Маврово“ во далечната 1956 година претставува домашен бренд во светски рамки. Влогот на многумина низ изминативе 53 години во организирањето на овој настан придонесе „Мавровскиот меморијал“ да прерасне во настан кој го промовира Маврово и Република Македонија, оставајќи траен белег во спортот. Агенцијата за млади и спорт како и секоја година ќе биде финансиски и логистички помагач на оваа голема манифестација. Оваа година АМС од буџетот издвои 400 илјади денари за „Мавровскиот меморијал“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Организаторите најавуваат квалитетно натпреварување, кое со посебни награди од ФИС ќе го претворат овој меѓународен настан во ранг на Балкански куп во нордиско скијање.
Претседателот на Организациониот одбор, Кичо Кираца искажа голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт за константната поддршка која ја дава во насока на континуитет на традицијата на овој, како што го нарече „нордиско-македонски“ бисер.
„Мавровскиот меморијал“ ќе се одржи од 21 до 23 март и ќе биде составен од по две трки во машка и женска конкуранција на 5 и 10 километри.