Освојувачот на сребрен медал на Олимипјадата во Токио, членот на таеквондо клубот Бутел, Дејан Георгиевски е прогласен за најуспешен спортист на Град Скопје за 2021 година.
– Се надевам дека во 2022 година ќе остварам уште подобри резултати, а на сите наши спортисти им посакувам успешна следна година и повеќе норми за големите натпреварувања, изјави македонскиот медалист од Игрите во Токио.
На денешната свеченост во градското собрание, наградата на Георгиевски му ја додели градоначалничката Данела Арсовска.
– Град Скопје, како и досега и во иднина ќе дава поддршка на спортистите. На сите освојувачи на признанијата им честитам од мое и од името на советниците и им посакувам многу успеси во идните настапи, рече Арсовска.
Од второто до 10.место во категоријата најуспешни спортисти во сениорска категорија се најдоа: борачот Могамед Нуров, кикбоксерката Викторија Варадинова, кикбоксерот Бобан Илиоски, каратистите Петар и Симона Заборски, маратонецот Дарио Ивановски, пливачот Филип Дерковски и маратонката Адријана Поп Арсова.
Најуспешни 10 спортисти во младинска категорија: Стефан Стојановиќ (карате), Столе Смилковски 9карате), Марија Спировска (борење), Мери Акиевска (фитнес), Миа Тодоровска (кикбокс), Калин Ивановски (тенис), Миа Блажевска- Еминова (пливање), Антонија Белазелкоска (карате), Мила Младеновска (карате) Александра Симева (тенис).
Најуспешен тренер е Борче Костовски од таеквондо клубот Бутел. Анте Гаџа од РК Вардар е најуспешен странец кој игра за екипа од Скопје. Андреј Стојановски и Стоилко Стоицев се најуспешни спортисти во категоријата на лица со попреченост.
Најуспешен перспективен млад спортист – кадет е тенисерот Амар Хусеиновиќ.