Сакам што порано да бидам на теренот за да го заборавам дуелот со Германија, изјави бразилскиот репрезентативец Давид Луиз при денешната негова промоција во Пари Сен Жермен.
Луиз додаде дека првите денови по бламажата против Германија на Светското првенство во полуфиналето (1:7) му биле доста тешки и затоа сака што е можно поскоро да се врати на теренот.
– Тоа беше тежок период, но фудбалот е убав затоа што ни дава шанси брзо да реагираме, да научиме многу од грешки и да видиме зошто работите тргнале наопаку. Сакам што поскоро да заиграм и повторно да победувам, рече Луиз на промоцијата во Пари Сен Жермен.
Бразилецот во пресрет на Светското првенство го напушти Челзи и потпиша договор со францускиот првак. Од овој трансфер „сините“ од Лондон заработија 50 милиони фунти, што е рекордна сума платена за дефанзивен играч во историјата на фудбалот.