Фудбалската репрезентација на Македонија игра без голови (0-0) против Данска по првото полувреме од дуелот на „Паркен“ во Копенхаген во полуфиналниот плејоф за пласман на Светското првенство.
Првата закана ја имаше Македонија, но Ќамили не успеа да ја прифати топката во противнапад, а можеше да излезе и сам пред Хермансен.
Возврати Хојлунд, но неговиот удар во 13.минута беше блокиран.
Македонија добро беше поставена во блок, а брзо развиваше контранапади. Растодер одлично го проигра Чурлинов во шеснаесетникот, но тој задоцни за еден чекор за да биде навистина опасно за Данците.
Во 25.минута, Пјер-Емил Хојбјерг се одлучи за удар од далечина и добро ги загреа дланките на Столе Димитриевски, но македонскиот чувар на мрежата одбрани.
Седум минути подоцна се обиде и Меле од далечина, за среќа за малку вон рамките на голот.
Во финишот на првиот дел Данска притисна, но селекцијата на Гоце Седлоски ги одби сите напади.
