Еден од најголемите таленти на светскиот фудбал – Килијан Мбапе, бил близу до тоа да стане играч на Челзи уште во 2012-та, кога имал само 13 години. Тоа го открива поранешниот скаут на Челзи, Даниел Бога, кој ги забележал квалитетите на Французинот и го поканил на тест период од една недела.
Уште тогаш Мбапе ги покажал своите способности со топка во нозе, но од клубот побарале по некое време талентот да дојде за уште еден пробен период за да се убедат дека тој може да се справи со карактеристиките на англискиот фудбал. Мајката на Мбапе, која го придружувала во Лондон, сепак одбила нејзиниот син да прави втор пробен период и споделила дека Челзи мора да го земе Мбапе уште во истиот момент, или по пет години клубот ќе се врати за него и ќе треба да плати 50 милиони евра.
– Тој имаше многу квалитети, но во Англија сакаа да видат дека играчот може да се враќа назад во одбрана и да работи напорно на теренот. Во тоа време тој не го правеше тоа. Во дефанзивен план не беше на ова ниво. Кога ја поседуваше топката, беше неверојатен, но без топка не вложуваше многу напори. Во Челзи сакаа да го видат повторно, за да видат дали може да се развие во оваа насока. Мислам дека поради тоа сакаа да се врати. Требаше да го земат. Но, тоа е лесно да се каже сега. Во тоа време, сепак Челзи имаше многу добар тим, додаде Бога.