Екипата на Челзи десетина дена во свој посед ќе ги има трофеите од Лигата на шампионите и Лига Европа, откако синоќа на „Амстердам Арена“ во финалето на второто по квалитет клупско европско фудбалско натпреварување ја победи Бенфика со 2:1.
До победата во Лигата на Европа „сините“ од Лондон стигнаа со головите на Фернандо Торес во 60.минута и Бранислав Ивановиќ во 90+3.минута, додека единствениот погодок за португалскиот претставник беше дело на Оскар Кардозо во 68.минута од пенал.
Со овој пораз екипата на Бенфика не успеа да ја прекине серијата од 51 година без освоен европски трофеј, а исто како и пред четири дена во португалското првенство, така и во Лига Европа натпреварот и титулата ја изгуби со гол примен во последните секунди од натпреварот.
За тренерот на Челзи, шпанскиот стратег Рафаел Бенитез ова беше остварување значаен успех, бидејќи пред неговото доаѓање тимот од Лондон се наоѓаше во играчка и резултатска криза. Но и покрај освојување на титулата, Бенитез по крајот на сезоната ќе го напушти „Стемфорд Бриџ“.
Европската сезона 2012/13 ќе биде затворена на 25 мај со финалето во Лигата на шампионите меѓу Баерн Минхен и Борусија Дортмунд.