Сопственикот на фудбалскиот клуб Милан, Силвио Берлускони изјавил дека верува во тоа дека неговиот клуб уште оваа сезона можe да бидe шампион на Италија и да ја освои Лигата на шампионите.
„За титулата ќе одлучуваме ние, Јувентус и Наполи. Моментално се наоѓаме на третото место на табелата, но верувам дека можеме да бидеме уште подобри. Не оптишаа после првите неколку натпревари оваа сезона, некои дури ни предвидуваа и борба за опстанок. Медиумите премногу не критикуваа поради подмладувањето на тимот. Сакаме трофеи во Серија А и во Лигата на шампионите“ – изјави Берлускони.
„Росонерите“ моментално заостануваат 11 бодови зад водечкиот тим во Серија А Јувентус, а во среда ја совладаа Барселона со 2:0 во првиот дуел од осминафиналето од ЛШ.
Во зимскиот преоден рок Милан го ангажираше напаѓачот на Манчестер Сити, Марио Балотели за сума од 20 милиони евра.
„Балотели е феноменален. Ги има сите предиспозиции во иднината да биде наш главен играч, заедно со Ел Шарави и Де Шиљо. Врз нив ние ќе го градиме тимот во наредните 10 години“ – заклучи поранешниот италијански премиер.