Герет Бејл најдобриот играч на Велс и нов член на Реал Мадрид, можеби ќе го пропушти натпреварот на неговата репрезентација против Македонија, јави радио Би-Би-Си Велс.
Според овој медиум три се причините поради кои неизвесен е настапот на Бејл во Скопје.
Првата причина е нецелосно санираната повреда на стапалото која ја има веќе подолго време. Втората пречка за велшкиот репрезентативец да игра против црвено-жолтите е неговиот нов клуб кој бара Бејл да биде ослободен од овој дуел.
Како трета причина радио Би-Би-Си Велс наведува дека новата ѕвезда на Реал Мадрид подолго време е надвор од фудбалските терени и не е во потребната натпреварувачка форма.
Дефинитивната одлука дали Герет Бејл ќе игра против Македонија ќе биде донесена во текот на денешниот ден по состанокот во Фудбалската федерација на Велс која е во разговори со мадридскиот клуб.
Реал бара Бејл да не игра и тоа го објаснува завршување на сите формалности околу новиот договор и потребата од повеќе време за адаптација во новата средина.
Велшанецот од синоќа и официјално за рекордни 100 милиони евра помина од Тотенхем во Реал Мадрид и со тоа стана најскап играч во историјата на фудбалот.
Квалификацискиот натпревар Македонија – Велс ќе се одигра на 6 септември со почеток од 19 часот во Скопје на Националната арена „Филип Втори“.