Контроврзниот италијански напаѓач Марио Балотели и во родната земја продолжи да се однесува по старо, како што се прослави на Островот. Голгетерот на Милан заработи суспензија од три меча поради навредите упатени на главниот судија Таљавенто на средбата против Фиорентина.
„Росонерите“ прокоцкаа водство од два гола во ситуација со фудбалер повеќе против „виолетовите“, а Супер Марио своите фрустрации за загубените два бода ги искажа со навреди кон судијата, кој досуди два пенали за противникот.
Балотели поради жолти картони секако ќе го пропуштеше следното дерби против Наполи на Горан Пандев, а сега главоболките на Масимилијано Алегро се зголемени бидејќи нема да може да смета на неговите услуги ниту на мечевите против Јувентус нагости, како и дома против Катанија.
Милан е во обид да го задржи третото место, кое води во квалификации за ЛШ. Росонерите имаат 58 бода, шест повеќе од Фиорентина, и четири помалку од Наполи. Лидер е Јуве со 71 бод.