Новото засилување во Јувентус, Артур беше официјално претставен како играч на клубот. Тој откри дека проектот на италијанскиот шампион го убедил да се приклучи на тимот на Андреа Пирло.
Бразилецот го доби дресот со број 5.
– Ова е многу важен ден за мене. Благодарност до моето семејство, управата, Фабио Паратичи и сите што ме пречекаа. Имам привилегија да играм со големи играчи. Играњето со Кристијано Роналдо е скоро остварување на сонот. Проектот ме убеди, тој е многу амбициозен. Не разговарав детално со Пирло. Играше фудбал како малкумина други, се движеше и играше на уникатен начин. Се чувствувам привилегиран што играм за ваков тренер. Сè уште не разговаравме за формацијата и позицијата на теренот, изјави Артур на прес-конференција.
Тој се заблагодари и на Барселона, кои покажале голема приврзаност кон него.
– Тие многу добро се однесуваа кон мене како дел од многу амбициозен проект. Мислев дека тоа ќе биде поттик за мојата кариера. Една од главните причини за мојот трансфер таму беше Лигата на шампионите. Проектот на Јувентус е доста амбициозен. Лигата на шампионите е приоритет, ќе работам со соиграчите за да ја постигнам оваа цел и многу други. Мислам дека има повеќе физички контакти во Серија „А“. Шампионатот е одличен, ќе биде тешка сезона, но Јувентус е одличен тим. Ќе има многу битки и едвај чекам да започнеме, додаде поранешниот играч на Барса.