Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски задоволен од победата над Лихтенштајн (4:0) уште еднаш потенцира колку е значајно присуството на капитенот Горан Пандев во националниот тим.
Пандев му асистираше на Трајковски при вториот гол, а беше заменет по околу еден час игра при што со овации беше поздравен од публиката во Струмица.
– Пандев одигра уште еден одличен натпревар и покажа дека е колку е значаен за тимот. Ќе направам се што е во моја моќ тој и во следните квалификации да го носи дресот со националниот грб. Се надевам дека ова не беше негов последен натпревар за Македонија, истакна Ангеловски.
Селекторот се осврна и на враќањето на Адеми кој по двегодишна пауза повторно го носи репрезентативниот дрес. Неговото враќање го одбележа со извонреден гол и со солзи „радосници“.
– Среќен сум што Адеми е повторно дел од репрезентацијата. Со него добиваме одличен играч. Тој пред се е голем човек. Без двоумење прифати повторно да игра за Македонија, рече Ангеловски.
Македонија квалификациите за Светското првенство 2018 ги заврши на 5. Место во Г-групата со три победи, две нерешени средби и пет порази.