Градежните активности на спортските објекти во тетовскиот регион се одвиваат според предвидената динамика, оцени директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески при денешната посета.
При посетата на спортската сала на Државниот универзитет во Тетово, Спасески констатирал дека градежните активности се во фаза на бетонирање на трибинскиот простор и ѕидарски работи на салата. Изградбата на салата е дел од проектот „35 спортски сали низ државата“, со што ќе бидат овозможени услови за спортување на студентите и граѓаните од Тетово.
Агенцијата за млади и спорт информнира дека се работи на асфалтирање на повеќенаменското игралиште во село Ратае, кое се очекува да биде готово во предвидениот рок, односно до крајот на мај. Спасески направил увид и на повеќенаменското игралиште во село Челопек, Брвеница, чија изградба заврши и откако ќе се изврши технички прием ќе биде пуштено во употреба.
Изградбата на повеќенаменските игралишта се дел од проектот „100 повеќенаменски игралишта низ целата држава“. Игралиштата се со димензии 45 на 28 метри и ќе бидат опремени со спортски реквизити и опрема за фудбал, кошарка и ракомет.