Во Агенцијата за млади и спорт (АМС) денеска беа соопштени добитниците на наградата „8 Септември” за спорт.
Одборот за доделување на Државната награда во областа на спортот „8 Септември” за посебни остварувања во областа на спортот ги награди Ѓокица Николовски (кајак), Ристо Магдинчев (ракомет), Александар Коцевски (пливање) и Петар Белистојановски (карате), додека наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план му припадна на Иван Кочовски (шах).
– Со оваа награда се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници во областа на спортот. Со големо задоволство истакнувам дека на отворениот повик аплицираа голем број на успешни спортисти и спортски работници. Клучна ни беше транспарентноста на постапката и можноста да конкурираат што поголем број на кандидати. Сепак, најтешката работа му припадна на Одборот за доделување на државна награда “8 Септември” чии членови ја извршија селекцијата водејќи сметка меѓу добитниците да има успешни наши спортисти, тренери и спортски работници, истакна на денешната прес-конференција директорот на АМС Дарко Каевски.
Членот на Одборот за доделување на наградите „8 Септември“ од областа спорт, проф. д-р Јовица Угриновски информира дека одлуката на Одборот кој е составен од 13 члена е донесена со консензус, односно едногласно.
Четворицата наградени за посебни остварувања ќе добијат парична награда еднократно во висина на 10 просечни плати, додека добитникот на наградата за животно дело ќе добие доживотна пензија.
Доделувањето на наградите ќе се одржи на 8 септември во просториите на Собранието на Република Македонија.