Ракометарите на Вардар в сабота му гостуваат на Порто во претпоследниот дуел од групната фаза во Лигата на шампионите. Тренерот Стевче Алушовски посакува бодови за зацврстување на 5. место, па и шанса за место погоре ако се поклопат коцките од другите натпревари.
– Порто е фаворит, а ние одиме без притисок и со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и секако да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме доволно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање – напротив ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот, изјави Алушовски за веб-страницата на „црвено-црните“.
На првиот меч во Скопје, во септември Вардар победи со 32:27.
Вардарци отпатуваа за Португалија денеска со цел да имаат повеќе време за одмор и подготовка со оглед на неповолните авионски конекции и патувањето што треба да трае до доцна навечер.