Претседателот на Украина Володимир Зеленски, виртуелно, во име на украинскиот народ ја прими 22-та годишна награда за демократија на град Атина во рамките на десеттиот „Athens democracy forum“, јави дописничката на МИА од Атина.
Наградата на украинскиот претседател му ја додели атинскиот градоначалник Костас Бакојанис, а Зеленски, во видео пораката ѝ се заблагодари на Грција за огромната поддршка и истакна дека за него е голема чест да ја прими наградата за нивниот „придонес за заштита на сите демократски вредности“.
Во пораката се осврна на важноста на демократија, велејќи дека е поврзана и со владеењето на правото и со единството, посочувајќи дека сите демократии треба да дејствуваат како единство и заедница и меѓусебно да си помагаат.
-По руската инвазија на Украина успеавме да изградиме најголемо единство во Европа и демократска заедница во светот, но постои уште многу што треба да се постигне, имаме многу работа да завршиме, истакна Зеленски.
Градоначалникот на Атина порача дека украинскиот народ не се бори само за слободата и суверенитетот, туку и се бори и за европските вредности и демократијата.
-Се борат за сите нас. После сè, оваа војна ги таргетира нашето единство и нашата иднина, потенцираше Бакојанис, изразувајќи ја поддршката на Атина за Киев и додаде дека го очекуваат Зеленски во грчката метропола.
Наградата за демократија на Град Атина, Бакојанис му ја предаде на украинскиот амбасадор во Грција.
Извор: МИА