Надеж дека на почетокот на јули земјата ќе може да ги прими првите туристи, изразува заменик-министерот на Кипар, Савас Пердиос, во изјава за кипарската новинска агенција „ЦНА“ и објаснува дека сепак сѐ ќе зависи од научните податоци поврзани со Ковид-19 не само во земјата, туку и во странство, јави дописничката на МИА од Атина.
-Ако биде сѐ во ред и на Кипар и во странство, веројатно, првите посетители, полека полека ќе можеме да ги примиме на почетокот на јули, вели заменик-министерот за туризам на Кипар, во изјава за „ЦНА“ и додава дека сепак сѐ уште е рано да се донесе каква било одлука.
Пердиос потенцира дека за да може Кипар да прими туристи, ќе биде потребно да постојат научни податоци дека земјата од која доаѓа туристот успеала да го ограничи бројот на позитивни и смртни случаи.
За конкретниот дозволен број и конкретната дозволена граница, дополнително ќе донесат одлука епидемиолозите и научниците во земјата.
Во однос на резервациите, рече дека оваа година веројатно ќе бидат во последен момент.
Од почетокот на епидемијата, во Република Кипар регистрирани се вкупно 822 позитивни случаи на Ковид-19, починаа 15 лица, а направени се 50.220 тестови.