За помалку од 24 часа, на првиот ден, се пријавија околу 100.000 млади на возраст од 30 до 39 години и веќе се закажани 200.000 термини за вакцинација со Астра Зенека, откри заменик-министерот за дигитална политика на Грција Јоргос Георгадас, говорејќи за првата програма на грчкото државно радио.
Вчера беше отворена платформата за пријавување за вакцинација на конкретната старосна група, а имунизацијата е исклучиво со вакцината на Астра Зенека, поради достапниот број вакцини од конкретната компанија.
Заменик-министерот за дигитална политика на Грција во интервјуто рече дека до крајот на мај се очекува во земјата да бидат спроведени пет милиони вакцинации и објасни дека од 5 мај ќе работат 1.500 центри за вакцинација од 1.178 колку што функционираат сега.
-Мислам дека до крајот на мај ќе можеме да имаме пет милиони вакцинации, што е и целта. А да споменам и дека денеска ќе надминеме три милиони вакцинации. Вчера, стигнавме до 2.945.000, а денеска ќе надминеме три милиони. Од вакцинациите, 2.064.000 се граѓани кои ја примиле првата доза, а 881.000, ја примиле и втората доза, рече Георгадас.