Илјадници луѓе се собраа денеска во Приштина на протест против насилството врз жените и девојчињата, што го организираше невладината организација Колектив за феминистичка мисла и дејствување.
По маршот низ центарот на Приштина, учесниците на протестот застанаа пред зградата на косовската Влада, каде фрлија црвена боја на влезната врата. Потоа седнаа пред влезот извикувајќи слогани против насилството врз жените.
– Овој случај, по пат на колективен шок, во никој случај не треба да не изненади бидејќи секојдневно го креваме гласот против насилството што ни се нанесува нам, на нашите пријателки и на жените во Косово. Доволно е да потсетиме дека само во првите шест месеци од 2022 година во полиција се пријавени 36 случаи на силување, изјави Трина Бинаку, една од организаторите на протестот.
Црвена боја беше фрлена и на влезната врата на Министерството за правда на Косово и на зградата на Судскиот и обвинителскиот совет на Косово.
Протестот следува откако пред три дена во парк во Приштина пет лица околу седум часа силувале 11-годишно девојче. Во врска со овој грозоморен случај, уапсени се петмина мажи, од кои на четворица им е изречена едномесечен притвор, додека на петтиот се очекува денеска да му биде изречена казна. Меѓу уапсените има и тројца малолетници.
Во меѓувреме, Самедин Мехмети, директорот на полицијата во Приштина, поднесе оставка од таа функција поради случај на силување, соопшти министерот за внатрешни работи Џелал Свечла.
Во врска со овој случај и денеска во Скопје, на плоштадот Скендер бег во 17 часот се организира протест против насилството врз жените и девојчињата. Протестот е организиран на социјалните мрежи.
Извор: МИА